Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави „воопшто не завршиле“ со Иран и предупреди дека следна цел може да биде тајниот подземен нуклеарен комплекс познат како „Пикакс маунтин“ (Pickaxe Mountain).
– Веројатно многу наскоро ќе ја нападнеме таа зона. И тие ништо не можат да направат по тоа прашање – изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Според американските медиуми, меѓу кои „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, Иран забрзано гради подземен нуклеарен објект под тоа име, што режимот во Техеран го негира. Објектот се наоѓа во близина на поранешниот комплекс во Натанц, кој беше бомбардиран од САД во јуни 2025 година.
– Ако сега си заминеме, на Иран ќе му требаат од 20 до 25 години за да го обнови. Но ние воопшто не сме завршиле – нагласи Трамп.
Американската армија во текот на ноќта по десетти пат бомбардираше иранска инфраструктура, особено командни центри и поморски цели. Во одговор на тоа, Иран соопшти дека погодил цели во соседните земји – сојузници на Вашингтон во Кувајт, Бахреин и Јордан.
Трамп, исто така, предупреди дека САД ќе одговорат доколку јеменските бунтовници Хути, кои се поврзани со Техеран, ја исполнат заканата за блокада на пловидбата во Црвеното Море.




