Американскиот претседател Доналд Трамп предупредил на опасноста дека левичарските групи во САД ќе станат насилни доколку победат на претстојните избори за американскиот Конгрес. Трамп изјавата ја дал при средба со евангелски свештеници од САД, по што некои од учесниците на средбата изјавија дека претседателот бил загрижен од опасноста од политичка нестабилност по изборите закажани за ноември.
– Погледнете ги Антифа. Видете ги тие групи, тоа се насилни луѓе, изјавил Трамп.
Тој додава за крајно левичарската организација, која организираше насилни протести при неговата инаугурација, честопати насилно протестира при настапи на конзервативни политичари и јавни личности, па дури и организира собири пред нивните домови.
– Ова ви го велам затоа што сакам да се погрижите сите ваши луѓе да гласаат. Ако не гласаат на 6 ноември, тогаш ќе имаме прилично мизерни две години и, искрено, ќе имаме многу тежок период пред нас. Само еден избор не дели од тоа да загубиме се што имаме, изјавил Трамп.
Републиканската партија има тесно мнозинство во Конгресот и ја држи Белата куќа преку Трамп. На претстојните избори, републиканците имаат големи шанси да го задржат мнозинството во Сенатот, а неизвесно е кој ќе надвладее во борбата за Претставничкиот дом. демократската партија се надева на таканаречен „син бран“, односно голема промена во Претставничкиот дом, по што би можела да отпочне постапка за импичмент на Трамп.