Претседателот на САД Доналд Трамп денеска соопшти дека САД не ја поддржуваат воената операција на Турција во Сирија, потенцирајќи овој напад е лоша идеја.
„Утрово, Турција, членка на НАТО, ја нападна Сирија. Соединетите Американски Држави не го одобруваат овој напад и ѝ ставија на знаење на Турција дека оваа операција е лоша идеја. Нема американски војници во областа. Од првиот ден кога влегов во политичката арена, јасно ставив до знаење дека не сакам да се борам во оние бескрајни, бесмислени војни – особено оние од кои САД немаат корист“, се посочува во пишаната изјавата на Трамп.
„Турција се обврза да ги заштити цивилите, да ги заштити религиозните малцинства, вклучително и христијаните, и да се осигура дека нема да се случи хуманитарна криза – и ние ќе ги држиме за збор. Покрај тоа, Турција сега е одговорна да обезбеди сите борци на ИСИС кои се држат во заробеништво да останат во затвор и е одговорна за тоа ИСИС да не се реструктуира на кој било начин или форма. Очекуваме Турција да ги почитува сите свои обврски, а ние ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата“, посочи американскиот претседател во пишаната изјава, јави Си Ен Ен.
Во меѓувреме, Меѓународниот Црвен крст и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ) лиферуваа соопштенија во кои ја потенцираат нивната загриженост за животите на десетици илјадници луѓе во североисточна Сирија кои живеат во кампови, затвори или во сопствените села и градови. Над 100.000 луѓе во моментов се во камповите во Хасака, Рака и Деир Езор.
„Хуманитарниот простор треба да се зачува за луѓето да можат да ја добијат помошта што им е потребна, рече Фабрицио Карбони, директор на ИЦРЦ за Блискиот и Далечниот исток.
Сепак телевизијата „Ал Хадас јави дека во турската операција веќе има жртви. Според курдски извори, убиени двајца цивили, а околу 20 се повредени. Исто така, загинале седум курдски борци од коалицијата Сириски демократски сили, а 16 се повредени. Телата им биле пренесени во болницата во градот Ајн Иса, кој се наоѓа северно од провинцијата Рака.
Телевизијата „Ал Хадас“ објави дека турските ВВС извршиле вкупно 16 напади врз позиции на курдските бунтовници, врз нивни контролни пунктови и бази во населените места Мешрафија, Хирбет-Банат, Ал Асадија и Бир Нух. Густи облаци од чад се издигнуваат над тие реони.
Турција ги нападнала и градовите Дарбасија, Маликија, Камишли во провинцијата Хасака, како и градовите Тел Абјад и Ајн Иса во Рака.
Се зголемува приливот на бегалци од граничните населени места.
Курдски претставници тврдат дека напад бил извршен и врз далноводи и водоводни станици, кои го снабдуваат со вода за пиење градот Хасаку.