Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата неодамнешна посета на Лондон претставувала најинтересен настан за британската кралица Елизабета Втора во изминативе 25 години, објави лондонскиот весник „Мирор“.
– Имаме одличен однос, се смеевме и се забавуваме. Нејзините луѓе велат дека не се забавувала толку во изминативе 25 години. Тогаш ме критикуваа затоа што рекоа дека премногу се забавуваме, изјави Трамп во гостување во емисијата „Фокс и пријателите“ на телевизијата Фокс.
„Мирор“ посочува дека во изминативе 25 години кралицата Елизабета одбележа златен и дијамантски јубилеј, ги прослави свадбите на своите внуци и раѓањата на правнуците, посети многу држави и се сретна со голем број лидери, но, како што нагласува, според Трамп, таа никогаш не се забавувала како за време на неговата посета.