Американскиот претседател Доналд Трамп денеска одржа прес-конференција на која се осврна на „вонредната“ воена операција спроведена во главниот град на Венецуела во текот на ноќта и утрово по негова наредба.
Тој рече дека била употребена „преголема“ американска воена сила „од воздух, копно и море“.
Трамп изјави дека американските сили отишле против „силно утврдена воена тврдина“ во срцето на Каракас за да го доведат Мадуро „пред лицето на правдата“.
Тој го спореди тоа со претходните воени операции против Иран – вклучително и против нуклеарните цели.
– Ниту една нација во светот не можеше да го постигне она што Америка го постигна вчера, нагласи тој и додаде дека во нападот биле „онеспособени“ сите воени капацитети на Венецуела.
Трамп информира дека светлата на Каракас биле исклучени за време на операцијата „поради одредена експертиза“ што ја има Америка.
И Мадуро и неговата сопруга „сега се соочуваат со американската правда“, рече Трамп, додавајќи дека се обвинети во јужниот округ на Њујорк за нивната „кампања на смртоносен наркотероризам“ против САД и нејзините граѓани.
Трамп изјави дека САД „ќе ја водат“ Венецуела до „време кога ќе можеме да направиме безбедна, правилна и разумна транзиција“ на власта.
Американскиот претседател и се заблагодари на војската за нејзината „брзина, моќ, прецизност и компетентност што го одзема здивот“. Тој рече дека овие „високо обучени војници“ дејствувале во соработка со американските органи за спроведување на законот.
– Венецуелските сили нè чекаа со многу бродови надвор. И покрај тоа што беа во позиција на подготвеност, венецуелските сили беа целосно совладани и многу брзо онеспособени, изјави Трамп.
Тој информира дека ниту еден американски војник не бил убиен, ниту пак била изгубена опрема.
Трамп рече и дека САД „отстраниле 97 проценти од дрогата што доаѓала по море“ и тврди дека секој брод што превезува дрога убива просечно 25.000 луѓе. Според него, поголемиот дел од дрогата доаѓа од Венецуела.
Трамп изјави и дека нафтениот бизнис во Венецуела е „проклет“ и оти големите американски компании ќе влезат во земјата за да ја поправат инфраструктурата и „да почнат да заработуваат пари за земјата“.
Тој додаде дека САД се „подготвени“ да извршат втор „и многу поголем“ напад врз земјата доколку е потребно. Трамп рече дека првично биле подготвени да извршат „втор бран“ напади и претпоставувале дека ќе биде потребно, но со оглед на успехот на синоќешниот напад, веројатно сега нема да биде.
– Партнерството на САД со Венецуела ќе го направи народот на Венецуела богат, независен и безбеден, нагласи Трамп и додаде дека Венецуелците што живеат во САД ќе бидат „исклучително среќни“.
– Тие повеќе нема да страдаат, изјави тој на прес-конференцијата.
Трамп го нарече Мадуро „нелегитимен диктатор“ кој беше одговорен за внесувањето „огромни количини смртоносни нелегални дроги“ во САД и го обвини дека го надгледува картелот Картел де лос Солес.
Мадуро претходно жестоко негираше дека е водач на картелот.
Трамп информира дека Мадуро и неговата сопруга се на брод што патува кон Њујорк. (МИА)




