Деветтиот пакет антикризни мерки што вчера го донесе Владата опфаќа 26 мерки со кои се опфатени студенти, ученици, земјоделци, корисници на социјална помош и така натаму, а ќе бидат опфатени околу половина милион луѓе. Овој пакет не е направен за изборите туку за граѓаните за да можеме сите да ја поминеме и оваа зима. Од декември стапуваат на сила дел од мерките, а за оние мерки за кои треба да се аплицира тоа ќе биде од средината на декември, вели Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, во Студио 10 на ТВ 24.

– Дел се системски мерки, а дел се нови мерки кои за прв пат се вклучени. Јавната администрација доби покачување на платата од 10 отсто во септември и за прв пат голем дел од јавната администрација годинава ќе земат и К-15. Согласно општиот колективен договор догодина имаме уште едно покачување на платите, вели Тренчевска.

Според Тренчевска, системските мерки даваат резултати, а пример за тоа се и пензиите кои се во постојан раст и сега најниската пензија од 9.000 денари е покачена на 13.500 денари. Со вчера донесените мерки пензионерите со ниски пензии во следните пет месеци ќе добиваат финансиска поддршка од 1500 до 3000 денари зависно од висината на пензијата. Освен тоа, во март ќе има ново усогласување на пензиите.

– Средствата од 662 милиони евра се средства од Буџетот, а не е земен заем ниту има какво било задолжување, вели Тренчевска.

Со мерките од деветтиот пакет е опфатени студентите кои живеат надвор од местото на студирање за што ќе добиваат од 600-1200 денари. Со истата мерка се опфатени и ученици кои потекнуваат од семејства со приход помал од 50.000 денари ќе добиваат по 1200 денари, а средношколците по 1800 денари. За оваа мерка е задолжено Министерството за образование каде што ќе се аплицира со соодветна документација.

Тренчевска вели дека има и 17.000 самохрани родители кои користат надоместок, корисници на надомест на попреченост и деца кои примаат додаток за попреченост ќе добиваат по дополнителни 2.000 денари.

– Со овој пакет опфатот е најголем и сумата за која станува збор е најголема досега. Опфатен е и бизнис секторот, а нова мерка е финансиска поддршка за раст на платите во приватниот сектор. Се водеше сметка да се опфатат сите сегменти во општеството, вели Тренчевска.

Тренчевска посочи дека платите во јавниот сектор се значително зголемени последните години. Таа тврди дека пензискиот систем е стабилен и дека дефицитот во пензискиот буџет од 47 отсто е намалена на 33 отсто со тенденција уште да се намали.

– Сите овие мерки нема да го зголемат буџетскиот дефицит оти тоа се средства кои се веќе обезбедени во буџетот. Догодина продолжува и субвенцијата за струја и парно, како и дополнителна субвенција за струја за семејства со ниски примања, вели Тренчевска која додава дека пакетот антикризни мерки се подготвувал неколку месеци.

Извор: ТВ 24