Министерката за труд и социјална работа, Јованка Тренчевска денеска истакна дека работната група за барањата на пензионерите работи во континуитет и информира дека следниот вторник ќе ја одржат следната средба.
-Работната група работи во континуитетот од кога е формирана. Следниот вторник ќе има состанокот. Имаме веќе некакви предлог мерки коишто ги дискутираме за коишто прибавуваме дополнителни податоци. Секако ги вклучуваме и останатите институции. На минатиот состанок беа претставници на Министерство за здравство за да видиме какви мерки може да креираме во делот на здравството, во делот на зголемување на бројот на лекови на позитивната листа. Со Фондот за здравство и Министерството за здравство да видиме да го зголемиме прагот за ослободување од партиципација при болничко лекување. Фокусирани сме на поголем број мерки од различни области за да успееме да го подигнеме животниот стандард на пензионерите. Од пензиите да останат повеќе пари во нивниот буџет, а да можат бесплатно да добиваат поголем број на лекови, да се лекуваат болничко да им биде бесплатно. Имаме некои социјални мерки и во делот на оние со најниска пензија, рече Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање на годишниот министерски состанок, четврти по ред по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“.
На новинарско прашање во врска со тоа дека пензионерите на претходната средба одржана во Владата биле избркани од обезбедувањето на министерката, Тренчевска побара членот на Иницијативниот одбор за протести на пензионерите Трајче Станојков да каже јавно дека не биле избркани, туку, како што рече, состанокот бил прекинат заради недолично однесување.
-Станојков нека излезе пред јавноста и нека каже пред јавноста искрено што рече за мене како министерка и за останатите присутни на состанокот. Не беа исфрлени. Состанокот беше прекинат од мене и од шефот на премиерот заради недоличното однесување. Јас нема да го кажам зборот и реакцијата на господинот Станојков. Нека бидат искрени и останатите нека кажат што се случи на состанокот. Далеку од тоа, Владата е на граѓаните и канцеларијата, просторот каде што бевме е на граѓаните. Ние ги примивме со добра волја за да ги слушнеме и да им кажеме дека работната група работи и дека нивните барања се дел од работната група, се дел од она што по која што дискутираме и дека се грижиме и како Влада и како институции да го подобриме животниот стандард на пензионерите. И тоа ќе го направиме со конкретни мерки коишто верувам дека наскоро ќе бидат донесени од страна на Владата, рече Тренчевска.