Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска очекува до крајот на годината да се изнајде решение за дефинирање на мининамланата пензија, преку дијалог во работната група во која ќе има номинирано претставници од Министерството за труд и социјална политика, Здружението на пензионери и од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Тренчевска посочи дека на следната седница на Владата ќе ја достави информацијата во однос на формирањето на работната група, која треба да ја продолжи дебата по прашањето за минималната пензија, односно закон или измени на Законот за пензиско.

– Очекувам дека низ дијалог до крајот на годината ќе најдеме соодветно решение секако следејќи ги примерите на останатите земји, соодветно решение како да ја дефинираме минималната пензија во државата, а којашто ќе биде над она што значи  праг на сиромаштија утврдена од страна од Светска Банка, изјави на новинарско прашање министерката Тренчевска по посетата на Центарот за дневен престој на стари лица во општината Чаир.

Таа најави дека се очекува ново покачување на пензиите, согласно новата методологија во 2022 година согласно трошоците за живот и порастот на просечната плата, минималната пензија за септември ќе изнесува над 13.300 денари.

-Очекуваме овие денови да ги добиеме податоците од Државниот завод за статистика, врз основа на овие податоци ќе видиме колку ќе биде. Можно е 6, можно е повеќе од 6 проценти. Затоа реков одиме со изјави најмалку со 6 отсто, може  ќе биде и нешто повеќе, се зависи од статистиката, рече Тренчевска.

Запрашана дали има компромис минималната пензија да биде 18 000, што е едно од барањата на пензионерите, министерката потенцира дека тоа би значело дополнително оптоварување на Фондот за пензиско осигурување и би ја загрозило неговата стабилност.

-Секогаш која се креираат политики мора да се мисли на стабилноста на Фондот за пензиско. 18.000 е нереална цена затоа што минималната плата ни е 20.000. Тоа значи дополнително оптеретување на ФПИОМ  и доведување во ситуација после три, четири месеци да се прашаме дали 330.000 ќе добијат пензија. Како држава, како министерка, како Влада мора да водиме сметка за стабилност на ФПИОМ, мора да водиме сметка за навремено исплаќање на пензиите, секој месец пензионерот, сите 3330 000 ќе си ги добијат пензиите, рече Тренчевска.

Подвлече дека не се потребни популистички мерки коишто ќе доведат да во одреден период на неколку месеци ги задоволат сите пензионери вклучително и пензионерите со најниска пензија, но кое на подолг рок значи дека ќе се доведе во прашање стабилноста на фондот.  Нагласи и дека пензиите се економска, а не социјална категорија.

-Никогаш нема да дозволам како министерка каде што еден од најглавните приоритети ми се токму пензионерите, највозрасната категорија граѓани, да се доведе во прашање исплатата на пензиите на кој било од овие 330.000 пензионери. И друга работа висината на пензијата зависи од тоа колку во нашиот работен век вложуваме во системот на пензиско и инвалидско осигурување. Неправедно е да ги изедначиме  луѓето кои имаат 15 години стаж и луѓето кои имаат 40 години стаж затоа што со 40 години стаж апсолутно со вашиот влог преку системот на придонесите вие очекувате да имате поголема пензија. И оние граѓани пензионери кои земаат во моментов минимална пензија најголем дел од нив се со 15 години стаж. И најголем дел од нив ја немале достигнато висината на минимална пензија. Ако не бил системот солидарен таков каков што е во моментов ќе земале и многу помала пензија. Меѓутоа заради солидарниот систем сме утврдиле линија од која што нема да има пензија 12.500 денари. Во септември ќе биде над 13.300, рече Тренчевска.