Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е оптимист дека денеска на Економско-социјалниот совет ќе се најде најсоодветното решение прифатливо за сите социјални партнери.
Во денешното интервју за телевизија 24, Тренчевска вели дека барањето на Сојузот на синдикати кое го поддржуваат и другите синдикати е реално бидејќи е согласно трошоците на живот и потрошувачката кошничка.
– Верувам дека на Економско – социјалниот совет, предлогот ќе биде прифатен од сите социјални партнери. Кога имаме конструктивен дијалог на ЕСС, секогаш доаѓаме до решение кое е најдобро за сите вклучени страни. Буџетот е во добра кондиција и секое предложено решение ќе биде поткрепено со финансии, истакна Тренчевска.
Во интервјуто, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, Тренчевска нагласила дека подобрувањето на економскиот статус на работниците е врвен приоритет на Владата и дека минималната плата ќе биде зголемена.
Синдикатите бараат минималната плата да биде веднаш зголемена на 18 илјади денари, а според пресметките на работодавачите таа би требало да изнесува 16.300 денари. На последниот состанок на Економско-социјалниот совет одржан во петокот, Бизнис конфедерцијата излезе со предлог за субвенционирање на дел од зголемувањето на минималната плата. За сите досегашни предлози денеска се очекува да расправа Економскиот совет на Владата по што треба да се одржи Економско-социјалниот совет.