Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска утринава отпатува за Измир, Турција. Во состав на делегацијата се и претставници од Министерството за труд и социјална политика, заменик-министерот за култура Даим Лучи, градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски и претставници на Општина Чашка.
Како што информира Министерството за труд и социјална политика, Тренчевска на покана на градоначалникот на Општина Каршијака Џемил Тугај, градоначалникот на Општина Тургутул Четин Акин и претседателот на Културното и солидарно здружение на македонските иселеници – „МАК – ГОЧ“ од Измир Кадри Алтинкалп ќе присуствува на Македонскиот фолклорен фестивал „Каршијака – Чашка – Тургутлу 2023“, кој е организиран во соработка со Општина Чашка.
Министерката Тренчевска, покрај присуството на Фестивалот ќе оствари и засебни средби со градоначалникот на Општина Каршијака Џемил Тугај, градоначалникот на Општина Тургутул Четин Акин и македонските здруженија од Измир, Маниса и Тургутлу.
На Фестивалот, покрај учеството на Општина Чашка, ќе учествуваат и локалните самоуправи Крива Паланка, Градско и Росоман со своите културно-уметнички друштва.
Фото: МИА архива