Ме прашавте дали има барање за состанок кај мене, секој добронамерник е добредојден. Секој кој што сака да разговара, јас ќе разговарам. Имаме ние многу теми кои што за нас се многу поважни од темата уставни измени и вклучително темата уставни измени. Ние нашите аргументи сме ги кажале, многупати доаѓале во овие 16 месеци и многупати по телефон сме разговарале, стотици пати со големи светски дипломати. Не сме слушнале од другата страна аргумент кој што нас може да ни даде една комотна ситуација и комфорна, и да речеме е да сега не убедивте, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан дали ќе има состанок со Фон Дер Лајен.

Мицкоски додаде дека многупати соговорниците од странство добивале лажни информации од Владата, па и од Бујар Османи.

„Многупати на тие состаноци, во тие телефонски разговори ние со нашите аргументи сме ги разубедувале соговорниците бидејќи добивале претходно лажни информации од страна на луѓето во Владата, меѓу кои е и овој кој што го споменавте Бујар Османи“, рече Мицкоски.

„Јас ги разбирам, под притисок се, очајни се, гледаат како доаѓа крајот на нивната политичка кариера, свесни се за тоа што го правеа овие шест години, свесни се дека со нас и со мене лично нема договор и трговија за политичка амнестија, свесни се дека ќе одговараат многу скоро“, појасни тој.

Што се однесува до датумот за избори тој појасни:

Ако ВМРО-ДПМНЕ ги иницира тие состаноци, тогаш ќе се јави Талат Џафери и ќе рече дека е претседател на Собранието и логично е тој да ги иницира, па потоа ќе бидеме напаѓани зошто ние  ги инцираме, а зошто тој не. Затоа рековме нека седнат и нека се договорат, јас имам информација дека денеска ќе имаат работен ручек Ковачевски, Ахмети и Груби, нека седнат нека се договорат и нека кажат, тој и тој ден, во толку часот, работните групи ќе се состанат и ќе зборуваат за иднината бидејќи овие два процеси се клучни за иднината на Македонија, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешната посета во Ѓорче Петров одговарајќи на новинарско прашање во однос на работни групи за изборите.

Мицкоски истакна дека дали Талат Џафери е тој кој ќе испрати официјална покана, дали Груби, дали Али Ахмети или ќе му ја дадат таа чест на Ковачевски ВМРО-ДПМНЕ нема проблем, но мора да се договори термин бидејќи треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

– Не е само терминот проблем, бегаме од суштината, зборуваме за дрвото, а не ја гледаме шумата. Имаме сериозни препораки од ОБСЕ/ОДИХР кои треба да се имплементираат во изборниот законик, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР се знаете 6 месеци пред избори не треба да се отвора изборен законик, а ние сме помалку од 6 месеци, и повторно ќе интервенираме затоа што некој е кукавица и не сака да излезе и да се соочи со граѓаните, изјави Мицкоски.

Мицкоски додаде дека кога тогаш Ковачевски мора да излезе, мора за неколку месеци од денеска да имаме избори.

– Бега од дуели, од дебати, од новинари, бега од предвремени избори, да се биде кукавица е карактер и ги разбирам, не треба да се срамат од тоа, има плашливи луѓе кукавици и тоа е карактер не се менува на 47/8 години. Но мора ова да го направиме ако навистина се грижиме за интересот на граѓаните и за развојот на Македонија како држава. Ме прашавте дали е 5 или 8 мај, јас и во мојот говор кажам, ете му бел лист хартија нека седне нека напише датум. Еве нека напише датум и блиску до тие два големи празници зборувам за Рамазан Бајрам и за Велигден, нека одлучи и ќе прифатиме. Нека одлучи, нека го ослободи општеството, денеска има ручек со Ахмети и Груби нека се консултира, ако треба од нив да добие зелено светло нека го бара, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека не треба изборите да бидат одвоени и да се трошат десетици милиони евра од граѓаните кои ги немаме.