Каролина ДУРЛО/ТВ АЛФА

За сомнителната смрт на тројца пациенти во прилепската болница и на двете деца во битолската, на обдукциските наоди се чека со месеци ?! –

Започнува и третиот месец од смртта на тројцата пациенти во прилепската Болница, а за кои постоеше сомнение дека се резултат на интрахоспитална инфекција, ама во истрагата – ништо ново.

За овој скандал, кој во февруари го обелодени Алфа, од ОЈО Прилеп велат дека се’ уште се чекале обдукциските наоди за починатата 52-годишна пациентка, по што ќе се знаело дали воопшто ќе биде отворена и постапка. „Болницата ни ја достави целата побарана документација. Меѓутоа, без обдукциските наоди, а кои се’ уште ги немаме, ние како Обвинителство не можеме многу да сториме“, велат од ОЈО и додаваат дека немало дефинирана временска рамка во која резултатите од обдукцијата требало да бидат доставени.

Тој период можел да се пролонгира до шест, па и повеќе месеци. Пред еден месец пак, од прилепското ОЈО ни беше речено дека целата прибрана документација за овие случаи била преземена од Вишото обвинителство во Битола, а прилепското не ја знаело содржината. Ваквата пинг-понг релација помеѓу двете обвинителства, од прилепското Обвинителство ја објаснија со специфичноста на случаите и со недостигот од обвинители кои во ОЈО Прилеп биле само двајца и дека ова било практика која се случувала и порано, со други предмети.

Но, не се само прилепските случаи за кои со месеци се чекаат обдукициските наоди. И за смртта на малата Јана, а која почина на мистеризен начин во битолската Клиничка болница во март, резултати од обдукцијата – нема. Резултати од обдукцијата нема и за новороденчето кое почина минатиот месец само два часа по породувањето во истата таа болница. За овој случај, според ресорниот министер, резултатите требаше да бидат готови уште кон крајот на минатата недела. Ама, нив се’ уште ги нема.

Ова пак, дополнително ја изиритира младата родилка која на социјалните мрежи, пред неколку дена напиша: „Еднаш извештајот е завршен, еднаш до четврток ќе биди завршен …Одлучете се! Толку штитење..Фала може ќе ви речат. Доста е. Мислам, нема смисла.Тотално будали на здрав мозок не’ правите. Вчера министерот изјавува едно, денес госпоѓата заменик, друго..А и сами не сте свесни дека се фаќате во лага од толку што не знаете да излажете. Ах. Брука. Дно. Доста е“, – реагираше младата Викторија Крстеска, која патем потсети и дека таа уште не била ни испишана од Болницата.

Кога ќе бидат готови обдукциските наоди за сите овие случаи прашавме и во Министретсвото за здравство, но до овие вести оттаму одговор не добивме.