Економско-трговските релации помеѓу двете земји, можностите за нивно натамошно унапредување и поголемо искористување на потенцијалите за инвестирање во Република Македонија од страна на германски компании биле тема на разговор на средбата на министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, со германскиот амбасадор Томас Герберих остварена вчера во Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје.
Како што соопштија од Кабинетот на министерката, заеднички беше констатирано дека досегашната економска соработка меѓу двете држави е на високо ниво, за што освен одличната трговска соработка зборува и фактот дека во Македонија работат околу 200 фирми со германски капитал, во кои се вработени над 20 илјади луѓе. Германија и Македонија во 2017 година остварија трговска размена од 3,15 милијарди евра.
Амбасадорот Герберих очекува дека позитивниот тренд во економските релации помеѓу двете земји ќе продолжи и понатаму.