Зоран Заев ја распродава Македонија. Со новиот предлог закон земјоделското земјиште со кое што се овозможува продажба на државното земјоделско земјиште на домашни и странски лица ја остава државата без земја, а вистинските земјоделци кираџии.
Ова го истакна Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција. Ги објавуваме текстот и видеото од прес-конференцијата:
Според законот кој го предлага Заев државното земјоделско земјиште ќе може да се купува по цена од едно евро за метар квадратен и тоа за земјиште од 1 и 2 класа, земјиштето од 3 и 4 класа ќе биде со почетна цена од 0.5 евра, а земјиштето од 5 до 8 класа по цена од 0.2 евра за метар квадратен. Ова се почетни цени, кои може да бидат уште пониски доколку на првиот, вториот или третиот оглас никој не се јави за купување.
Заев буквално ќе овозможи најубавите парцели на земја, најплодната македонска почва да се распродава по багателни цени. Имено со предложеното законско решение владата односно министерството си дава за право со непосредна спогодба и тоа во четири очи да продава земјиште за стратешки цели по едно евро за м2. Замислете едно евро за метар квадратен на стратешки инвеститори.
Со законот власта става ограничување и за вистинските земјоделци кои што живеат од земјиштето. Имено на продажба ќе бидат ставени големи површини за продажба но кои се неекономски исплатливи за македонските земјоделци бидејќи Заев со погубните политики изминативе години ги доведе до питачки стап. Па така целата земја ќе се земе од крупните олигарси и странци со сомнителен капитал, а вистинските земјоделци ќе бидат кираџии на сопствената земја во сопствената држава.
Со овој закон Заев креира ситуација неколку луѓе моќници да можат да го приграбат целото земјоделско земјиште во Република Македонија. Па така земјиште ќе може да купат моќници со сомнителен капитал, но не и чесните земјоделци од Василево, Долнени, Лозово односно македонските земјоделци.
Овој закон е штетен за иднината на државата но и за иднината на македонските земјоделци. За тоа бараме веднаш да биде повлечен од процедура.