Мрежата за наводнување на земјоделските површини низ Република Македонија веќе две години е нефункционална, а над 200 километри каналска мрежа за наводнување во Тиквешкиот регион повеќе од две години се неисчистени, изјави денеска Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Дополнително на голем број места не се санираат тековните дефекти што доведува до неможност да се сервисираат земјоделските површини. Цели полиња се без вода поради неодговорноста на власта. Зоран Заев кој се шеташе низ нивите во Република Македонија во текот на 2016 година ветуваше брда и долини, а сега го нема помеѓу земјоделците да види со какви маки се соочуваат. Сезоната за наводнување иако почната од пред два месеци над 3.000 хектари лозови насади во Тиквешкиот регион остануваат надвор од мрежното покривање, рече Трипуновски.

Штетата по земјоделците, додаде тој, е непроценлива.

– Овогодишниот род може значително да се намали поради немањето на вода за наводнување. Штетите се големи и кон Подружницата на Водостопанство – Тиквеш, тие заради немање можност да остварат приход од водокорисниците за наводнување ќе остварат загуби од над 20 милиони денари, што ќе влијае и на нивната способност за обезбедување на плата на самите вработени. Ситуацијата со наводнувањето е иста и со водокорисниците од Градско и Росоман каде повеќе линии се нефункционални и скинати. слична ситуација е и во делот на Неготино каде има линии кои што воопшто не се пуштени за наводнување. Сумарно целата ситуација со наводнувањето на земјоделските површини во Република Македонија е алармантна. Зоран Заев треба да понесе директна одговорност за проблемите со наводнувањето во Република Македонија. Граѓаните ќе го изметат Зоран Заев и СДСМ на наредните парламентарни избори, рече Трипуновски.