Јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија ја совлада Австрија во финалето на Европското првенство „Б“ дивизија со 98-88 и го освои пехарот на натпреварувањето кое во изминатиов период се одржуваше во главниот град на земјава.
Македонците беа подобар противник од Австријците во меч во кој целосно доминиравме од почетокот до крајот.
Нашиот национален тим забележа осум победи на осум средби, а покрај над Австрија во финалето, во нокаут-рундата славеше над Португалија и Бугарија, а претходно во групата ги доби Ирска, Кипар, БиХ, Чешка и Украина.
Најдобар стрелец во финалето беше капитенот Никола Јаничиќ со 30 поени, пред Стефан Стојковиќ со 15 поени.
Кај Австрија. Нико Железник даде 21 поен, а Имран Суљановиќ се истакна со 19 поени.
Македонија во следното издание на Европското јуниорско првенство ќе игра во А-дивизијата.
Честитка за успехот на македонските кошаркарски надежи упати и премиерот Христијан Мицкоски:
– Браво момци, браво јунаци, вака се сака, штити и бори за Татковината. Македонија е горда на Вас. Да се потсетиме: 26 јули совладана Ирска со 10 разлика, 27 јули совладана Босна и Херцеговина со 12 разлика, 28ми јули совладана Чешка со 8 разлика, 30 јули совладан Кипар со 41 разлика, 31 јули совладана Украина со 11 разлика, Четвртфинале, совладана Португалија со 29 разлика, Полуфинале, совладана Бугарија со 24 разлика и Финале, совладана Австрија со 10 разлика. Перфекција во црвено жолто, 8:0 на Европскиот шампионат за возраст до 18 години, Б дивизија и златен медал, објави Мицкоски на својот официјален профил на Фејсбук.