Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска од денеска до петок ќе престојува во Полска, на студиска посета организирана од проектот финансиран од ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија“.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, Тренчевска ќе посети повеќе социјални претпријатија, меѓу кои и „Барка“, како и Центарот за поддршка на социјалните претпријатија во Полска.

Министерката Тренчевска ќе одржи средби со повеќе градоначалници на општини каде има социјални претпријатија, како и со полската министерка за семејство и социјална политика Марлена Малаг.

– Презентацијата на полскиот систем на социјална економија – законската рамка, мерките, политиките и финансиските инструменти ќе придонесат за стекнување на повеќе искуства, особено значајни во овој период во кој во нашата земја се подготвува Законот за социјални претпријатија, се наведува во соопштението.

Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ е имплементиран од меѓународната компанија за консалтинг, инженерство, архитектура и информатичка технологија „Ептиса“, во конзорциум со „Барка“ и „Екорис“, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика. На студиската посета ќе бидат присутни претставници на повеќе институции.​