Најмалку 59 деца колабирале како последица на труење со хемикалии во фискултурна сала во училиште во Пирна, Германија.
Во текот на часот по физичко, прво седум деца се пожалиле на мачнина, вртоглавица, трнење во рацете или нозете. Тремор на рацете пријавила и професорката по физичко.
Оваа сала ја користат две училишта, едно основно и едно средно. Двете училишта веднаш ги повикале надлежните. Во салата биле испратени неколку амбулантни возила, а лекарите, како што пренесува Билд, имале се повеќе работа.
До пладне бројот на деца кои се пожалиле се искачи на 32. Полицијата подоцна соопшти дека до доцна попладне „59 ученици и еден наставник“ се засегнати и на самото место им била укажана лекарска помош, но 12 деца морале да одат во болница.
Според наводите на Советот на покраината, од овој инцидент биле погодени вкупно 63 лица, од кои 22 се пренесени во болница.
“На четвртиот час имавме физичко образование. Немаше мирис кога влеговме во салата, но почнаа да ме болат главата и вратот. Наставничката не извади од салата. Ни рекоа дека истекла некоја хемикалија”, вели еден осмоодделенец за Билд.
Портпаролот на полицијата Марко Ласке изјави дека, според првичните информации, до инцидентот дошло поради употреба на хемиско средство за чистење.