Тренерот на Пари Сен Жермен, Томас Тухел немаше логично објаснување за поразот со 1:3 од Манчестер Јунајтед и елиминацијата на неговиот тим од Лигата на Шампионите уште во осминафиналето.
Според него овој резултат не може да се објасни со оглед на прикажаното од двата тима и тој во ниту еден момент од натпреварот не верувал дека гостите ќе си заминат како крајни победници.
– Лесно е да се објасни што се случи: им подаривме два гола во првото полувреме. Целосно го контролиравме натпреварот во првите 30 минути. Ние покажавме класа, психа и добар одговор по првиот подарок. Создадовме доста шанси, а во исто време Манчестер без ниту една шанса, без ништо ни постигнаа втор гол. Ние го контролиравме натпреварот и тоа е необјаснив резултат. Вториот гол целосно го смени текот на играта. Во второто полувреме Јунајтед немаше ниту една шанса и почувствував дека не можат да не победат. Тие го направиј тоа, па затоа им честитам, сподели тренерот на Парижаните по мечот.
Тој не сакаше да даде одговор дали сезоната за ПСЖ е неуспешна по елиминацијата од ЛШ.
– Не знам дали сезоната е неуспешна, едноставно незнам. Дали навистина очекувате да добиете подобар одговор само неколку минути по завршувањето на натпреварот? Во овој момент можам само да ги заштитам моите фудбалери, тоа е, изјави Тухел.
Тој беше запрашан да го прокоментира пеналот за Манчестер Јунајтед, со кој гостите стигнаа до решавачкиот трет гол на крајот на натпреварот.
– Да, јас сум за ВАР. Но, јас не мислам дека ударот одеше кон голот и при оваа ситуација немаше причина да се суди пенал. Мислам дека има потреба правилото за игра со рака да биде појасно прецизирано. Сега судијата може да ја толкува ситуацијата по свое видување, бидејќи правилото не е напишано доволно јасно, смета тој.