Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев во интервју за весникот „Независен“ вели дека е време за купување на нов државен авион затоа што времето на „лирџетот“ што го имаме му е „истечено“ , барем за ВИП-летови.
-Наше мислење или препорака е сериозно да се размислува за набавка на нов авион. Актуелниот државен авион е со стара технологија, земен многу одамна, не е земен нов, туку репариран. Технологијата што ја има дозволува слетување само на аеродроми од прва категорија, а денешните аеродроми нудат можност и за слетување во полоши услови. Затоа во случаи на магла или неповолни метеоуслови, авионот оди на околните аеродроми. Од безбедносен аспект ќе биде многу подобро. Не може авион со 7 седишта да биде авион на Влада. Треба да има минимум 15 седишта. Денеска не мора во готово да се купува, има форми на лизинг, може со месечни отплати. Јас сум цврсто убеден дека поради застарената технологија, итно треба да се размислува за набавка на нов авион за потребите на државните органи. Со тој авион ќе лета и претседател на држава и премиер, претседател на собрание и не само што треба да ги задоволи потребите од организациски аспект туку и најсовремените безбедносни стандарди. Таков авион може да чини меѓу 15-20 милиони евра, но тоа е инвестиција што ниту се плаќа наеднаш, ниту се прави без комплетна анализа. А имајќи ги предвид интегративните процеси што државата ги има во понатамошниот период, потребата од патување, особено до Брисел, Стразбур и другите ЕУ-центри за наши делегации, ќе биде сè поголема. Долгорочно, ако се имаат предвид цените на билетите во комерцијалната авијација, сигурно оваа инвестиција ќе биде исплатлива, вели Тунтев.
Пред да дојде на оваа функција, Тунтев беше координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието.