Перцепцијата за судскиот систем сѐ уште не е променета и треба да се направи нешто радикално, смета министерот за правда Никола Тупанчески.
Тој во гостувањето во „Утрински брифинг“ вели дека ако се премине на тоа порота составена од граѓани да одредува нечија вина во судски процес тоа значи напуштање на континенталното право и префрлање на правосудниот систем на САД.
-Во иднина може да се размислува за создавање нов Граѓански законик кој ќе ги опфаќа сите прашања, а за тоа можеме и да ги прашаме луѓето. Сите елементи од прецедентното право може да се вклучат ако е тоа од полза во кривичниот процес, вели Тупанчески и додава дека дефинитивно треба да профункционираат телата кои имаат за цел контрола на субјектите за правораздавање.
Во врска со пописот, од кој резултатите ќе се објават во среда навечер, министерот Тупанчески вели дека конечно по 19 години Македонија се одважи да спроведе попис и тоа е позитивно.
-Она што беше стандард на ОН и препораките на Еуростат се прифатени и нивните оценки беа дека пописот е добро спроведен. Без оглед на тоа какви ќе бидат резултатите од пописот во секој случај ќе има коментари и реакции. Но, тоа се официјални податоци, вели Тупанчески.
Во однос на патувањето во Палермо, на фудбалскиот натпревар каде македонската фудбалска репрезентација ја совлада Италија, министерот Тупанчески посочува дека се важни две компоненти, а тоа е дали тој патувал службено и кој ги покрил трошоците.
– Одговорот на првото прашање е „Не, јас не патував службено“, и втората компонента за тоа кој ги плати трошоците: „Tрошоците ги платив јас од моја трансакциска сметка“, истакнува Тупанчески.
На прашањето дали бил изненаден од прозивањето на Антикорупциска за неговото патување и присуство во Палермо на фудбалскиот натпревар, министерот вели дека бил шокиран.
-Бев шокиран зошто го велам ова тоа, затоашто јас имам коректен однос со многу луѓе тука и како професор. За да се стигне до вистината треба да се слушне и другата страна, додава Тупанчески.
Посочува дека ниедна законска ниту етичка норма не е прекршена со неговото патување во Италија на фудбалски натпревар. Тој додава дека Владата има етички кодекс во кој меѓу другото се дефинираат патувања на службените лица.
-Јас не сум користел буџетски средства, не сум користел службено возило, не сум користел обезбедување, а трошоците сум ги покрил сам. Јас сум голем фудбалски фан. За Португалија нема да одам оти заменикот министер нема да биде тука, па не е во ред Министерството да остане така. А има чартер летови на еден ден, вели Тупанчески.