Во Палермо бев на покана од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изјави вечерва министерот за правда Никола Тупанчески за ТВ 21, во врска со неговото патување во Италија на фудбалскиот натпревар меѓу Италија и Македонија.
– На покана на ФФМ јас присуствував на натпреварот, но тоа што се нарекува аранжман подготвен и фактура испратена од Агенцијата која го организираше патувањето, е платено во временскиот рок кој е предвиден во фактурата, рече Тупанчески.
Владата вчера на Тупанчевски му испрати писмена опомена за прекршување на Етичкиот кодекс за државните функционери. Тој вели дека „не се согласува“ со опoмената, која дојде од вицепремиерката задолжена за добро владеење на функционерите и институциите, Славица Грковска.
– Не, не се согласувам, уште еднаш сум конзистентен на својот став дека нема повреда на норма, вели Тупанчески за случајот.