Министерот за правда Никола Тупанчески смета дека за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) остануваат неколку параметри кои се недефинирани до крај и најави оти ќе се движат во насока на измени во однос на построги правила и критериуми.
– За избор ќе мора да се додаде цензусот и тоа дали ќе има потреба да се воведе втор круг на избори, но и дали ќе има некој дополнителен критериум. Да не заборавиме дека во нашата држава главниот проблем не е квалитетниот закон или правната рамка, напротив се судираме со суштинскиот проблем, а тоа е капацитетот на институциите и интегритетот на луѓето кои се дел од тие институции, вели Тупанчески.
Ова, вели тој, е трет модел во нашата држава, а се обидуваме да стигнат до вистинскиот модел во кој ќе бидат исклучени надворешните влијанија во однос на изборот на првиот човек на ОЈО ГОКК.
– Првпат јавните обвинители непосредно го бираат првиот човек на Обвинителството, да не заборавиме Законот за Јавно обвинителство беше консензуално донесен од страна на сите чинители и тој закон беше прифатен од сите и практично моделот, кој го тестиравме пред некој ден, според мене, покажа одредени слабости. Она што можеби во иднина треба да се преземе, бидејќи тој модел не е доизграден, сметам дека доколку бидат додадени некои дополнителни критериуми во однос на изборот на обвинителот би стигнале до подобри резултати и пообјективен избор, вели министерот.
Прашан како ги коментира фотографиите кои се појавија во јавноста со новиот шеф на Обвинителството и функционери од ДУИ, Тупанчевски рече дека тие фотографии на некој начин имплицираат дека обвинителот кој е избран има некаква конекција или комуникација со претставници на одредена политичка партија.
– Дефинитивно никогаш не може до крај да се неутрализираат, најважно од целата работа во комуникацијата е дека практично времето ќе биде главниот фактор кој ќе покаже дали навистина овие хипотези или претпоставки кои се пласираат по неговиот избор имаат реална основа. Комуникацијата не може да биде исклучена, но најважно е таа комуникација да не биде злоупотребена, нагласи Тупанчевски.