За жал, како Министерство за правда практично немаме никакви ингеренции, одговори денеска министерот Никола Тупанчевски на новинарско прашање дали ќе се дозволи отворање на уште еден бугарски клуб во Охрид со Цар Борис Трети.

– Сведоци сте дека ја формиравме пред месец дена работната група или ад хок телото во рамките на Владата на Република Северна Македонија, која што треба како советодавно тело да дава сопствено мислење околу карактерот на историските личности коишто треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација, рече Тупанчевски.

Чув, додаде министерот, дека постои таква најава, Комисијата е формирана и на последната седница е разговарано околу некои технички аспекти и тоа не е Комисија во рамките на Министерството за правда, туку е тоа владина комисија.

– Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана нивната конститутивна седница, бидејќи имињата се познати и би требало таа комисија да почне со работа, односно да биде на ниво на задачата која што е поставена пред нив, изјави Тупанчевски.

Извор: Фокус