Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган нагласи дека заедничките интереси на Турција и САД далеку ги надминуваат нивните разлики и се залага за поголема соработка со новата американска администрација на претседателот Џозеф Бајден.
Во видео порака објавена доцна синоќа, Ердоган призна дека турско-американските односи се „сериозно искушение“, но истакна дека нивното стратешко партнерство „надминало разни видови на тешкотии“.
Неговиот помирлив тон следеше по остри обвинувања дека САД ги поддржуваат курдските милитанти. Обвинувањата се појавија неколку дена откако турската војска пронајде тела на 13 турски заложници што ги држеше Работничката партија на Курдистан (ПКК) во северен Ирак.
Анкара беше револтирана од поддршката на САД за сириски курдски борци во борбата против ИД, сметајќи дека тие се поврзани со децениското курдско востание во југоисточна Турција.
Ердоган синоќа изјави дека САД не и ја даваат на Турција посакуваната поддршка и солидарност во борбата против ПКК и поврзаните групи и побара јасен став од турските сојузници.