Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го претстави првиот систем за противвоздушна одбрана произведен во Турција, познат како „Челична купола“, што веќе е испорачан во турската војска, оценувајќи дека тоа претставува „пресвртница за земјата и нејзината одбранбена индустрија“.

„Денес ја снабдуваме нашата армија со системот „Челична купола“, што се состои од 47 возила во вредност од 460 милиони долари, што ќе изгради доверба меѓу сојузниците и ќе всади страв кај противниците“, рече Ердоган вчера на церемонија во објектот на гигантот за одбранбена индустрија Аселсан, во Анкара, објави Дејли Сабах.

„Челичната купола“, што беше најавена во август минатата година, Ердоган ја опиша како „систем од системи“, што интегрира локално развиени ракетни батерии, радари, електрооптички сензори, комуникациски модули и командни и контролни центри.

Испораката вклучува системи за воздушна одбрана „Хисар О 100“ и „Сипер“, радарски системи „Алп 300-Г“ и „Алп 100-Г“, системи за електронско војување „Пуху“ и „Редет“ и возила за воздушна одбрана со краток дострел „Коркут“.

„Челичната купола“ е круна на долгогодишни инвестиции што помогнаа Турција да се трансформира од земја која во голема мера се потпира на странска опрема во земја каде што домашните системи ги задоволуваат речиси сите потреби на нејзината одбранбена индустрија.

фото:Принтскрин ТРТ