Турција, Малезија, Казахстан и Србија се земјите со најевтини карти за кино во светот, покажуваат последните податоци на британскиот финансиски портал money.co.uk.
Во Турција е потребно да се издвојат 2,06 евра за кинобилет, во Малезија – 3,13, во Казахстан – 3,23, а во Србија тоа чини 3,40 евра. Белорусија, Русија, Аргентина, Панама, Унгарија и Костарика, исто така се на топ-листата од 10 земји со најевтини билети.
Од друга страна, Швајцарија е на другиот крај со најскапи билети за кино – 18,23 евра, потоа Данска – 14,79, Саудиска Арабија – 14,14, Јапонија – 14,07 и Финска со 14 евра за билет.
Порталот, инаку, го рангираше Лондон меѓу трите најдобри градови во светот за љубителите на филмот, со оценка 9,75 од 10, бидејќи има најмногу кина, а „премиерите на најголемите наслови често се одржуваат на плоштадот Лестер“.
Во текстот на уредникот Џејмс Ендрјус, се забележува дека и третопласираниот Лос Анџелес (оценка 9,49) е секако еден од највлијателните градови каде што се снимаат филмови, но второпласираниот Њујорк (9,55) е домаќин на најголемиот број филмски фестивали – повеќе од 1.000, вклучувајќи ги и Трибека, Фестивалот за документарци и Азиско-американскиот меѓународен филмски фестивал.