Турската полиција денеска уапси пет осомничени екстремисти на Исламска држава, кои наводно планирале напад во Анкара за време на новогодишната ноќ, јави турската новинска агенција Анадолија.
Припадниците на полициската единица за борба против тероризмот утрово уапсија пет странски државјани. Полицијата наведе дека продолжува операцијата.
Според турската приватна новинска агенција ДХА, уапсените се државјани на Ирак.
Исламска држава во Истанбул во првите часови од 2017 година изврши напад врз ноќен клуб, при што загинаа 39 луѓе.
Гувернерот на Истанбул, Али Јерликај изјави дека за безбедноста за време на новогодишната ноќ ангажирани се над 44.000 полицајци и 7.000 припадници на жандармеријата, додека во
Анкара ќе бидат распоредени околу 18.000 полицајци.