Поранешниот фудбалер на Манчестер сити, Јаја Туре е подготвен да игра за плата од една фунта неделно во кој било од клубовите кои се пласираа на првите шест позиции во Премиер лигата, тврди неговиот агент Димитри Селук.
Туре изнесе серија обвинувања на сметка на Пеп Гвардиола, потенцирајќи дека тренерот намерно му ја уништил последната сезона.
Во меѓувреме се огласи и неговиот агент Селук, кој дополнително ги интензивираше критиките.
– Не постои ништо добро што би можело да се каже за Гвардиола, истакна Селук.
Туре има 35 години, а во Сити играше во последните осум сезони. Но, во тимот што го гради Гвардиола за него немаше место како играч.
– Јаја Туре имаше многу понуди од разни држави и можеше да наплати енормни суми. Но, сепак, одлучивме следната сезона да му ја посветиме на Гвардиола и да му докажеме дека Туре не е истрошен фудбалер и дека може да игра во Англија. Затоа сме подготвени да прифатиме понуда од Премиер лигата, дури и за неделна плата од една фунта. Секако, тука не се вклучени бонусите. Верувам дека играч како што е Туре би бил од полза за Арсенал, Челзи, Јунајтед, Тотенхем и Ливерпул, потенцира Селук.
Туре меѓу бројните обвинувања наведе дека Гвардиола „не ги сака африканските фудбалери“.