Историско и туристичко Крушево ги поминува месеците во исчекување. Кризата со пандемијата речиси го затвори градот. Градот на музеите нема надежи зашто тие не работат, летово нема да дојдат околу 2.500 параглајдеристи од светот.
Градот кој живее од туризмот, и во кој 70 отсто туристи се во летото, е во постојано исчекување на протоколи, прописи, на можности да заживее. А без туризмот нема што да се очекува е неподелено мислењето и помеѓу жителите и кај угостителите кои ги чистат рестораните и хотелите и – толку. Нема кој да им дојде. Инаку, досега има три случаи на коронавирусот, од кои еден починат. И, велат, „увезени“ им се од другите градови.
-Сега е катастрофално, сѐ е откажано, параглајдеристите од светот не доаѓаат. А токму затоа во Крушево е празно. Ако има мерки за да дојдат домашните туристи, арно, ама од странските нема ништо, вели крушевчанецот Кочо Димески.
-Според мене, повеќе треба да се ангажираат туристичките агенции. Да донесат некој турист, за да заживее градот. Во Крушево е слаба економијата, најмногу се очекува од туризмот. Значи, 2 500 параглајдеристи изгледа нема да дојдат. Тешко е, објаснува Роберт Рујаноски.
-Тешко е. Работиме само со достава за готвена храна до врата. Ама од тоа нема живот за угостителството. Повеќето ќе затворат вака, вели готвачот Петар Николоски.
-Неиздржливо е. Ресторанот е празен, само чекаме. Се плаќаат трошоците, вработените се дома, ама ги плаќаме. Ништо не знаеме. Само од достава преживуваме. Параглајдеристите откажаа. Оние што имаат куќи во Крушево си доаѓаат и си седат дома. Толку. Се пријавивме за кредити, по 14 500 за вработените. Исчекуваме, вели Никола Здравески, угостител.
Природата, чистиот воздух, околината на Крушево мамат да се помине убаво време. Во релаксација, прошетки, подалеку од психолошкото и физичкото бреме што ги донесе пандемијата. Градот и околината се лек за сите, ама никој не може да им дојде на гости. Тука се само иселените кои имаат куќи, доаѓаат, ама си седат дома. Крушво ги преживува пандемиските месеци и тагува по убавите времиња.
Локалните власти, ентузијастите со иницијативи како да заживее највисокиот град на Балканот. Историјата ја чува зад затворени врати, не работат седумте музеи, туризмот уште повеќе зашто нема посетители, ниту се издаваат сместувачки капацитети. Мора да се пробие патот, прво преку интернетот, со промоцијата, па потоа да се свртиме, велат, кон домашните гости и туристи. Девизата е: „Дома си е дома“.
Младите ентузијасти преку проект ја оформуваат платформата „Викенд во Крушево- вашиот омилен туристички водич. Прво, пред две години како фејсфук страница и Инстаграм профил, од средината на мај и како туристичка платформа. Работиме и не се откажуваме вели Сотир Габелоски од неформалната група за туристичка промоција на Крушево.
-Сега успеавме да обезбедиме средства преку одредени проекти за да може да финансираме изработка на веб-страница. Имаме цел да ги обезбедиме сите информации за посетителите и за потенцијалните туристи зашто многумина кои доаѓаат се жалат дека немаат доволно информации кога работат музеите, рестораните, што да пробаат, каде да се прошетаат, која тура да ја преземат. Нашата цел е да ги обезбедиме тие информации и преку засилена промоција сите тие туристи ќе ги посетуваат. Од друга страна, да отвориме простор за угостителскиот сектор, од ресторани, пицерии, хотели, па сѐ до приватното сместување, туристички водичи, такси-служба. Сите информации да ги имаме на едно место за туристите.
Аплициравме за проект на Мировниот корпус и сето тоа да го создадеме, но поради коронавирусот е суспендиран. Но тоа што го сработивме, вклучувајќи ја веб-страницата, успеавме да го имплементираме. Во проектот е и работилница со угостителскиот сектор за да креираме заедничка понуда, но тоа засега е неизвесно поради ситуацијата.
Во моментов работиме на дополнително популаризирање на веб-страницата за оваа платформа да биде вистински туристички водич со кој ќе се пронајде угостителскиот сектор и потенцијалните туристи.
Има заинтересираност. Дневно има околу 2000 посети, но сакаме уште повеќе. Сега е направена македонската верзија, зашто сега сме концентрирани на домашните туристи, а во изработка е и англиската верзија за странските туристи, објаснува Габелоски.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски вели дека се фокусирани на домашните туристи и почнаа преку апликации кампања под мотото „Дома си е дома“.
-Ќе одиме со промоција „Дома си е дома“ и одиме и со неколку апликации: веб-апликација на општината која ја работиме во соработка со Светска банка и со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, потоа со ејпл-а мобилна апликација со која ќе се насочуваат туристите според нивните желби што сакаат да посетат. Работиме на туристички места во и околу Крушево каде туристите може слободно да се движат. Говориме за велосипедските патеки долги 42 километри. Имаме шеталишта, околу езерото каде, без групирање посетителите може да уживата во природата. Ќе се промовираме во медиумите за да ни помогнат да ги привлечеме посетителите, вели Христоски.
Мери Чавкароска, претседател на крушевското здружение на угостители и туризам вели дека 70 отсто од туристите се во летниот период. Сега ги нема меѓународните првенства, ланските резервации не се потврдени, нема параглајдеристи. Малку надеж има за крајот на август и почетокот на септември, ама сѐ зависи од пандемијата.
– Сега ќе се надеваме на домашните туристи. Би требало државата да преземе некои мерки да ги привлечеме посетителите од земјава. Имаме добри туриститчки капацитети и ресурси. Се надевам дека годинава ќе се извлечеме со домашниот туризам. Загубите се многу големи, зашто 70 отсто од заработувачката е во летниот период. Инаку, кај нас доаѓаат, веќе 10-ина години оние параглајдеристи – аматери кои, по првенствата, во август и септември се тука. Се надевам дека ќе дојдат, но сѐ зависи од пандемијата, вели Чавкароска.
Крушево е во исчекување. Го има сето време на светот, но најмалку надежта дека ова лето ќе се покрене туризмот. Ама едно не замира во Крушево. Кога и да го посетите, ќе ги најдете најпрепознатливите специјалитети. Крушевскиот локум и целувките. Барем ќе ги заблажат овие горчливи денови на исчекувања.
Елизабета Митреска за МИА