За 3,01 отсто се зголемил бројот на ноќевања во Солун на посетителите од Република Македонија во првата половина од годинава во споредба со лани, според податоците од Сојузот на хотелиери од Солун.
Нашата земја се наоѓа меѓу првите 20 држави со најголем број ноќевања, во 2019 од 16-та падна на 17-та позиција, но сепак бројот е зголемен, од 8.404 ноќевања лани на 8.657 оваа година во првите шест месеци, јави МИА од Атина.
Туристите од Република Македонија претставуваат 0,79% од вкупниот број ноќевања во Солун, а земјава се најде и на 22-то место на листата со 25 држави со најголемо зголемување во споредба со лани.
Во однос на вкупниот број, во првите шест месеци од годинава, се регистрира намалување за 16.486, од 1.115 581 лани за истиот период, сега бројот на ноќевања изнесува 1.099 095.
На првото место на листата посетители од странство, втора година по ред е Израел со зголемување на ноќевањата за 7,88 отсто. Потоа следат Кипар, Германија и САД.
Од земјите од регионот, Бугарија е со најголем број ноќевања и е на шестата позиција, Србија и Црна гора кои се вклучени во иста графа се на 11-то место, а Албанија на 13-то.
Од Сојузот на хотелиери од Солун коментираат дека забележително е значителното зголемување на бројот на ноќевања од државјани на Авганистан и останатите азиски земји.
-Станува збор за бегалци и мигранти сместени во хотели во Солун што учествуваа во програмите на Меѓународната организација за миграции. Нивниот комплетен број е 24 373 ноќевања што влијае на сликата за ноќевањата во Солун, соопштуваат од Сојузот.
Резултатите покажале дека има за 4,54 отсто намалување во однос на домашните посетители, нешто што според сојузот се должи на европските и локалните избори во мај и јуни.
Податоците од истражувањето спроведено на месечна основа од компанијата за туристички истражувања „GBR Consulting“ за Сојузот на хотелиери од Солун покажуваат дека во првата половина од 2019 година има зголемување за 2,6 отсто на просечната цена за соба и зголемување од 1,8 отсто за приходите од што изнесуваат 50,33 евра.
-Сепак, во споредба со други десет европски градови со иста големина (Антверпен, Бирмингем, Келн, Диселдорф, Единбург, Глазгов, Будимпешта, Хамбург, Манчестер, Салцбург), Солун и понатаму е на последната позиција во однос на исполнетоста, во однос на просечната цена по соба, но и за приходите по слободна соба, соопштуваат од Сојузот на хотелиери од Солун.