Годишната инфлација во Турција во декември 2022 година изнесуваше 64,27 отсто, покажуваат податоците на турскиот статистички институт.
Индексот на потрошувачките цени на Турција забележа раст од 64,27 отсто во декември 2022 година во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат денеска објавените податоци на турскиот статистички институт – Туркстат.
Зголемувањето на цените во однос на претходниот месец изнесува 1,18 отсто.
Просечната годишна стапка на инфлација за изминатите 12 месеци изнесуваше 72,31 отсто, покажуваат податоците.
Највисока инфлација во изминатата година е забележана во октомври, кога нејзиното ниво достигна 85,51 отсто на годишна основа.
Облеката и обувките се категоријата која забележа најнизок годишен раст на цените, а во друга крајност се трошоците за домување кои пораснале за 79,83 отсто, покажуваат податоците на Туркстат.
Транспортот поскапе за 54,45 отсто на годишно ниво, алкохолните пијалоци и тутунските производи за 65,11 отсто, услугите во хотелиерскиот сектор за 68,48 отсто, а храната и безалкохолните пијалоци за 77,87 отсто.
Расходите за образование се зголемени за 37,27 отсто, за култура и рекреација за 49,95 отсто, а за здравство за 66,60 отсто.