Турција планира повторно да разговара со ирачките власти за формирање заеднички оперативен центар преку кој двете земји ќе можат да ја координираат борбата против терористичките организации. Ова го соопшти турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер, цитиран од весникот „Хуриет“.

– Треба да ја исчистиме Турција од терористите што е можно поскоро. Затоа, мора да преминеме во друга фаза во борбата против тероризмот. Намерите и директивите на претседателот (Реџеп Таип Ердоган) се во иста насока, додаде Ѓулер.

Тој потсети дека во февруари делегација на турското национално разузнавање, предводена од него, ги посетила Багдад и Ербил во Ирак и рече дека во март се планирани нови средби во Ирак. Турскиот министер за одбрана рече дека се размислува за создавање безбедносна зона на границата со Ирак со длабочина од 30 до 40 километри.