Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск предупреди денеска дека ЕУ може да се надева на најдобриот договор со САД, но треба да се подготви за најлошото.

Изјавата доаѓа во пресрет на претстојниот дводневен состанок на шефовите на држави или влади на ЕУ.

– И покрај нашите неуморни напори за зачувување на единството на Западот, трансатлантските односи се поставени пред голем испит поради политиките на американскиот претседател Доналд Трамп. За жал, поделбата не е само за трговските прашања. Дозволете ни да се надеваме на најдоброто, но мора да се подготвиме за најлошото, се вели во писмото од Туск до неговите колеги во Европскиот совет, пренесува БТА.

– Разговорите за миграција се вжештуваат и по се изгледа ќе доминираат на претстојниот состанок, додава тој.

Туск предлага да се разговара за изградба на миграциски кампови надвор од ЕУ, под надзор на ОН.