Полскиот премиер Доналд Туск денеска во Сејмот изјави дека според процените на разузнавачките служби, Русија планира хибридни напади со дронови и ракети врз земјите што ја поддржуваат Украина, меѓу кои и Полска.
Тој истакна дека постои „реален ризик“ дронови и други проектили да навлегуваат на територијата на една или повеќе земји-членки на НАТО, дури и да предизвикаат штети. Според Туск, Москва тоа би го опишала како случајни инциденти за да го обесхрабри НАТО да одговори.
Полскиот премиер потенцира дека зборува за сценарио засновано на моментално достапни информации, а не за евентуален развој на настаните.
Пред говорот на Туск, слични предупредувања пред парламентот изнесе и заменик-министерот за одбрана Цезари Томчик.
– Сојузничките служби и нашето разузнавање со месеци предупредуваат за можноста за ескалација и закани кон Полска, наведе Томчик, додавајќи оти се можни саботажи, насочување ракети и беспилотни летала кон полска територија и нарачување атентати.
Според Томчик ескалацијата на руските активности кон земјите што ја поддржуваат Украина е планирана со цел да се ослабне украинската економија и способноста на Киев да ја продолжи војната, но и да се продлабочат поделбите во НАТО и Европската Унија и да се заплашат европските општества.




