Повеќе од една година никој не ги контролира вработените во АНБ, 14 месеци секторот за внатрешна контрола e без раководител, објави ТВ Алфа.
Причините, како што се наведува, се внатрепартиски судири во СДСМ, обвинува опозицијата. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски потенцира, дека со неименување на шеф на овој сектор, постои отсуство на надзор врз мерките кои ги спроведува АНБ, што доведува и до проблеми во испитувае на конкретни случаи како овој со Онишченко.
-СДСМ реши да не направи кворум на својот директор Виктор Димовски на седницата за контрола на работата на АНБ и АР, кога требаше да се избере директор за внатрешна контрола. Затоа што веројатно клановите во рамки на СДСМ, кои што сакаат да ја контролираат АНБ не можеа да се договорат помеѓу себе. И така АНБ 14 месеци нема директор за внатрешна контрола и никој не го спроведува контролирањето во АНБ иако тоа е клучен сегмент, изјави Николоски.
Тој вели дека случајот со Онишченко е само капак на проблемите во и околу АНБ. Посочува дека три години Димовски не го спроведува и членот 67 став 1 алинеја 7, кој се однесува на задолжително полиграфско тестирање врз вработените во АНБ што е основен законски услов да се стекне работен однос во службата
– Три години нема одговор колку од 381 вработен во АНБ поминале полиграфско тестирање за проверка на професионалниот интегритет, а колку се покажале недостојни за вршење на службата заради негативен полиграф. А, овие денови АНБ и Виктор Димовски приредуваат уште еден скандал со бегалецот Онишченко, изјави Николоски.
Споменувајќи ги и другите скандали, како оној со пасошите со туѓ идентитет на светски барани криминалци, како и случајот со фирмата „Инфинити“ на синот на Милорад Додик, Николоски додава дека Спасовски не може да бега од одговорност и очекува институциите да реагираат со одземање на државјанството на Онишченко, а единствен излез е Спасовски и Димовски да поднесат оставка.
Извор: ТВ Алфа