Министерството за политички систем се претвори во скопски огранок на ДУИ. Во моментот кога претседателот на оваа партија Али Ахмети ќе реши средбите да ги одржува во Скопје, а не во Мала Речица, тогаш за локација за состаноците се бира кабинетот на првиот вицепремиер Артан Груби и министер за политички систем и етнички заедници.
Ова се истакнува во коментарот „Злоупотреба на министерскиот кабинет за партиски прашања: средби на Ахмети во фотелјата на Груби“, кој го објави ТВ Алсат.
ТВ Алсат натаму пишува: Во својот кабинет Артан Груби како министер имаше средба со новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во земјава Килијан Вал на 7 декември. Неколку дена подоцна во истата фотелја и во истиот амбиент, со монографија за Пикасо, фотографија од Мајка Тереза, статуетка од Скендербег, Ахмети како партиски претседател се сретна со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва. За состанокот, информираа од партијата, а не од Министерството за политички систем.
Но, ова не е исклучок, туку правило. Фејсбук профилот на Ахмети годинава изобилува со фотографии од средби во оваа канцеларија – тука тој се среќавал со амбасадорите Дејвид Гир, поранешната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, па дури и со пејачот Илир Шаќири. Од ДУИ не одговорија на прашањата зошто кабинетот во Министерството за политички систем се злоупотребува за партиски цели. Ниту од Министерството не одговараат зошто оваа канцеларија се отстапува на лидер на партија, иако станува збор за државна институција.
Ова не е првпат функционери на ДУИ да бидат во фокус на скандали за злоупотреба на државни ресурси. Токму кон Груби беше вперен прстот пред само два месеца кога со службено возило на Министерството се појави на партиски состанок. Тогаш вицепремиерката Славица Грковска најави дека ќе бара објаснување од Груби и кажа дека принципот на одвојување на државните и јавните функции од партиските активности е еден од клучните елементи на доброто владеење. Но случајот остана без разврска, иако минатата година самите министри во Владата изгласаа кодекс со кој се обврзаа дека нема да ги користат службените возила за приватни и партиски посети.
Извор: ТВ Алсат