Грчкиот премиер Алексис Ципрас потврди дека разговорите околу отворените прашања со Албанија продолжуваат на ниво на министри за надворешни работи, но категорично негира дека не постои прашање за Чамите (протерани Албанци од областа Чамарија).
Како што јави тиранската ТВ Ора њуз, посочил дека разговорите кои ги водат двајцата министри за надворешни работи се на добро ниво, но оценува дека тоа се тешки прашања.
Според него, Грција ќе го поддржи отворањето на поглавјата за членство на Албанија, но Албанија мора да исполни голем број обврски а многу од нив, додал тој, постојат уште од 2009 година.
– Станува збор за морската граница, измени во текстовите во учебниците, гробиштата на грчките војници во Албанија и секако едно многу важно прашање а тоа се реформите, кои директно се поврзани со правата на грчкото малцинство. Некој и тука кај нас се обидува да го вметне прашањето за Чамите. Такво прашање не постои, категоричен е Ципрас.
Ципрас смета дека би било добро по споменатите прашања да има консензус, бидејќи за „националните круцијални прашања треба да има добра информираност, разбирање и доверба“.
Тој, нагласил дека Грција има јасна стратегија за решавање на проблемите, но секако без никакви отстапки од главните национални линии. Сето тоа со цел да стане земја лидер во регионот, земја која ги решава проблемите, која не е фактор на поблеми, туку фактор на решенија.
Инаку, албанските медиумите, историчарите и здруженијата на Чамите, тврдат дека Чамерија е територија во северниот дел на Грција во која живееле етнички Албанци, а останала надвор од Албанија на амбасадорската конференција во Лондон во 1913 година, кога областа и била доделена на Грција. Во 1945 година повеќе од 35.000 етнички Албанци биле протерани поради „соработка со окупаторските германски и италијански власти“.
Партијата на Чамите, чиј лидер е Шпетим Идризи, тврди дека вредноста на имотот на протераните Чами, кои бараат истиот да им се врати, тогаш изнесувал околу 350 милиони американски долари, но оти тој сега вреди многу повеќе.