Српската полиција го уапси таткото на 17-годишниот матурант кој утрово пукаше во Првото техничко училиште во Крагуевац.
Се работи за 49-годишниот С. М., кој е осомничен за кривично дело недозволено поседување и носење огнено оружје, муниција и експлозивни материи, бидејќи, според сомневањата на полицијата, нелегално ја поседувал малокалибарската пушка што неговиот син утринава ја употребил во училиштето.
Малолетникот, пак, ученик во четврта година, е уапсен под сомнение за обид за тешко убиство.Таткото ќе биде задржан во полиција до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство. Неговиот малолетен син, по сослушувањето, ќе биде изведен пред судија за малолетници во Вишиот суд во Крагуевац.
При денешниот инцидент беа повредени 2 вработени во училиштето, додека сите ученици беа безбедно евакуирани.
Српската полиција истражува фотографија која малолетникот ја објавил на социјалните мрежи непосредно пред пукањето и на која е прикажан маж со пушка од мал калибар во рацете и во камуфлажно одело.




