Зголемување за 8,3 отсто на бројот на посетители на Грција и зголемување за 9,7 на приходите од туризмот, покажуваат податоците од Банката на Грција, за периодот од јануари до септември 2026 година, со што се чини дека годинава ќе биде рекордна за грчкиот туризам, јави дописничката на МИА од Атина.
Во првите девет месеци од годинава, Грција ја посетиле 32,2 милиони туристи, наспроти 31,6 милиони истиот период лани, а приходите од туризмот изнесуваат 22 милијарди евра.
Зголемување на приходите, според Банката на Грција, се должи како на зголемувањето на приходите од посетителите од земјите од Европската Унија за 11,5 отсто, така и на зголемувањето на приходите од посетители од останатите земји за 7,8 проценти.
Во однос на бројот на туристи, зголемување има на патничкиот сообраќај и преку копнените гранични премини за 17,7 отсто и преку аеродромите за 5 проценти, а бројот на патници од земјите членки на ЕУ-27 изнесувал 20,5 милиони патници, за 8,5 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2025 година, додека пак од останатите земји е за 7,9 проценти повисок, достигнувајќи 13,7 милиони посетители.
Во септември годинава, иако зголемувањето на бројот на туристи во Грција е минимално, односно само 0,6 проценти, сепак приходите биле зголемени за 11,1 отсто.
Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам со речиси 38 милиони туристи, за 5,6 отсто повеќе од 2024 година, а приходите за Грција од туризмот беа зголемени за 9,4 проценти и достигнаа 23,6 милијарди евра.
Фото: Архива




