Полицијата во Австралија уапси маж во врска со испраќањето 38 сомнителни пакети со веројатно опасни материи до странски конзулати во Мелбурн, Канбера и Сиднеј.

Мажот (48) е приведен од неговиот дом во Шепартан, во државата Викторија синоќа и обвинет за испраќањето опасни пратки по пошта, соопшти полицијата. Ќе биде изведен пред суд денеска во Мелбурн.

Десетина дипломатски мисии повеќето во Мелбурн, вчера соопштија дека добиле сомнителни пакети и на некои од нив било напишано „азбест“. Меѓу нив се мисиите на САД, Велика Британија, Индија, Јужна Кореја, Пакистан, Израел, Швајцарија и Грција. Во понеделникот беше откриена таква пратка и во аргентинскиот конзулат во Сиднеј.