Уапсен е напаѓачот кој синоќа во хрватскиот град Сисак пукаше од калашњиков врз група луѓе, при што едно лице е убиено, а неколкумина се ранети.
По пукањето напаѓачот со часови бил во бегство, а нешто по 1 часот по полноќ бил уапсен.
-Маж кој е поврзан со пукањето во областа Сисак е уапсен, тој е донесен во службените простории на полицијата и против него ќе се води кривична истрага, соопшти хрватската полиција.
Во престрелката е убиена 45-годишна жена, додека четири лица се ранети. Лекарска помош им е укажана во Општата болница Сисак, каде е констатирано дека се тешко повредени. Медицинска помош им била укажана на две лица, меѓу кои и едно дете, кои биле полесно повредени додека бегале.
Во наведениот настан целосно опожарени се две семејни куќи и еден автомобил, а делумно опожарени една куќа и еден автомобил, соопшти полицијата.
Според хрватските медиуми станува збор за маж на околу 60 години кој имал психички проблеми. Насилникот наводно дошол во куќата на соседот, пукал кон нив и запалил две куќи на соседот.
Пукањето се случило во близина на рафинеријата во Сисак. Засега нема официјални информации зошто напаѓачот пукал врз луѓето.