Член на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, насилно е приведен од полицијата додека бил на протестот што го организира партијата кај крстосницата во близина на „Мавровка“.
Како што веќе објави „Нетпрес“, уапсениот демонстрант со мобилен телефон почнал да снима на што полицијата бурно реагирала наредувајќи му да прекине со снимањето. Тој им се спротивставил со образложение дека снима на јавен простор и не прави ништо противзаконско, а откако одбил да ја спроведе нивната бесмислена наредба, брутално бил уапсен и спроведен во полициска станица.
Курир па објавува дека кога дознал за овој случај, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски веднаш се упатил кон Мавровка, која е една од трите локации на кои партијата денес организираше предупредувачки протести.
По приведувањето на младото момче, се направи притисок на присутните кај блокираната раскрсница кај Мавровка, а откако пристигнал Мицкоски, партискиот член бил ослободен.
Претходно, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски посочи дека без никаква причина при демонстрациите кај Мавровка бил уапсен еден активист.
– Сега сакам да апелирам до полицијата, бидејќи направи еден срамен чин на кој еден млад човек кој излезе да го изрази револтот беше легнат од полицајците беше приведен со лисици уште го чуваат во станица. Ние разговаравме со надлежните што го обезбедуваат овој настан и јас им укажав дека тоа што го направиле е кривично дело затоа што не може да приведуваат граѓани кои не го прекршиле законот. Овој настан беше најавен од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и ние кажавме дека уште пред два дена ќе ги блокираме 3 раскрсници во градот Скопје и уште во 9 градови во Република Македонија, наведе Сајкоски.