Кандидатката за претседател на САД од редовите на Зелената партија Џил Стајн уапсена е на пропалестински демонстрации на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис. Портпаролот на нејзината кампања рече дека не се запознаени со обвиненијата.
Стајн беше на демонстрациите за да ги поддржи студентите кои поставија камп и кои порачаа дека нема да се разотидат се додека Универзитетот Вашингтон не се одвои од Боинг. Меѓу нивните барања се и бојкотирање на израелските академски институции.
Во видеото снимено пред нејзиното апсење и објавено на мрежата Икс, кандидатката на Партијата на Зелените рече дека ги поддржува студентите и нивните уставни права на слобода на говор.
„Ќе стоиме овде во линија со студентите кои се залагаат за демократија, за човекови права и се залагаат за ставање крај на геноцидот“, рече Стајн.
Дејвид Швајб, директорот за комуникации на Џил Стајн во претседателската трка, рече дека таа се обидела да ја деескалира ситуацијата меѓу демонстрантите и полицијата во саботата попладне по локално време, но дека полицијата „не реагирала“ и веднаш потоа почнала да апси.
„Како што рече д-р Стајн, срамно е универзитетските администрации да одобруваат употреба на сила против сопствените студенти кои едноставно повикуваат на мир, човекови права и крај на геноцидот од кој американскиот народ се згрозува“, рече Шваб.
Уапсени се и шефот на кампањата на Стајн и неговиот заменик.
Повеќе од 80 лица се уапсени на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис во контекст на тековните пропалестински демонстрации, се вели во соопштението на Универзитетот.
Групата демонстранти, во која имаше студенти, вработени и поединци кои не се поврзани со универзитетот, маршираа на повеќе локации во кампусот каде што „подигнаа шатори и покажаа дека немаат намера да заминат“, соопшти универзитетот.
фото: ЕПА архива