Палестински напаѓач загина кога со својот автомобил удрил во друго возило што минувало низ контролен пункт на Западниот Брег, а израелски чувар бил тешко повреден во инцидентот, соопштија безбедносните власти.

Припадници на безбедносните сили пукале во палестинскиот возач и го убиле.

Палестинските медиуми го идентификуваа како 16-годишниот Мухамед Нидал Јунис. Министерството за одбрана на Израел, кое управува со контролниот пункт, соопшти дека тој е од Наблус.

Израелската брза помош соопшти дека чуварот се здобил со повреди на главата и градниот кош, но оти е во стабилна состојба и свесен во болницата во близина на Тел Авив.

Генералниот директор на Министерството за одбрана Амир Ешел го посети местото на нападот и изјави дека чуварите на пунктот реагирале брзо и решително и оти се истражуваат околностите на инцидентот.

Нападот утринава се случи два дена откако Палестинец со нож нападна Евреин во близина на Стариот град во Ерусалим.

Напаѓачот беше убиен од двајца израелски гранични полицајци кои потоа беа приведени на сослушување бидејќи беше објавена снимка на која се гледа дека тие неколкупати пукаат во Палестинецот додека тој веќе лежи на земја и ја спречиле брзата помош да му се приближи.

На видеото кое подоцна го објави и полицијата се гледа дека напаѓачот се обидел со нож да избоде еден од граничните полицајци.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет и другите високи функционери го пофалија полицискиот одговор на нападот.