Основното јавно обвинителство Кавадарци отвори истрага против 51-годишна жена која е осомничена за убиство на нејзиниот 70-годишен партнер и вчера била уапсена во градот.
„По расправија во куќата на оштетениот, започнала физичка пресметка меѓу нив, во која сега починатиот ја удрил осомничената по лицето, а таа му скршила филџан од главата. Тој ја фатил за косата и ја влечел кон бањата. Осомничената дофатила кујнски нож од масата, со кој му задала неколку убоди во пределот на стомакот и градите. Од ударите жртвата паднала на подот, по што осомничената продолжила да му задава убоди додека не престанал да дава отпор. Потоа врз неговото тело истурила ракија и средство за дезинфекција и го потпалила. Оштетениот кој се уште бил жив се обидел со рацете да го изгасне огнот што горел по неговото тело, но од убодите и изгорениците кај него за кратко време настапила смрт. Осомничената останала во станот 20-тина минути, по што излегла, ја заклучила влезната врата и заминала“, велат од Обвинителството.
Телото на починатиот беше пронајдено два дена подоцна, а осомничената беше уапсена вчера. Поради опасност дека може да избега, судот ѝ определи притвор во траење од 30 дена.