Доставивме докази за криминал до министерот за правда Никола Тупанчевски, списоци за корумпирани судии, како и докази за криминал во областа на извршителите, порача денеска пред Министерството за правда Марјан Ненов од граѓанското здружение „Но Пасеран“, пренесува ТВ 24.

Ненов вели заедно со граѓанското здружение „Стоп за грабежот“ доставиле барање до Правда во име на голем број граѓани, но четири месеци одговор од ресорното министерство нема.

Двете граѓански здруженија побараа итни мерки за стопирање на наплатата на како што велат вештачки напумпаните долгови на граѓаните. Дел од барањата се и замрзнување на извршувањата врз физички лица и микро и мали претпријатија за извесен период, одблокирање на трансакциските сметки како и враќање на извршителите во рамките на судската власт.

Од Министерството за правда пак велат дека дел од барањата на здруженијата не се во нивна надлежност, а сите останати ќе бидат разгледани.

– Министерството за правда ги разгледа барањата на „Но пасеран“. Дел од нив не се во надлежност на министерството. Одредени законски измени кои ги бараат, а се во надлежност на министерството (измена Закон за нотаријат и на Закон за судови), ќе се разгледаат. – велат од министерството.

Двете граѓански здруженија „Но Пасаран“ и „Стоп за грабежот“ дејствуваат заеднички во како што велат „борбата за правдата против мафијашката спрега на доверители, судии, извршители и низа корумпирани државни службеници“.