Педесет и тригодишен тетовец синоќа околу 22 часот и 30 минути смртно ја застрелал со пиштол својата една година помлада сопруга по што избегал, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Според неговите првични информации, настанот се случил во куќата на двајцата сопружници на улицата „Љуботенска“ во тетовската приградска населба Мала Речица. По застрелувањето на сопругата тетовецот излегол од куќата по што пукал и кон такси возило, но никого не погодил по што избегал.
Полицијата презема интезивни активности за негово пронаоѓање и приведување. На местото на настанот увид извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Тетово, а повеќе информации за настанот се најавени во текот на денот.
Според полицијата, во критичното време А.К. вооружен со пиштол отишол во куќата на мајката и братот на неговата сопруга во Мала Речица, каде што таа неколку дена престојувала таму и не сакала да се врати кај сопругот.
Тој ја повикал да разговараат, по што го извадил пиштолот и ја убил сопругата.
По убиството А.К. избегал, но на улицата 179 го забележал соселанецот Т.Џ. со кого имал недоразбирање и кој критичното време бил во неговиот автомобил „голф“. Убиецот и кон него испукал неколку куршуми но не го погодил. По ова, вооружениот А.К. влегол во својот автомобил и избегал.
Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово извршиле увид на местото. На двете места каде што било пукано биле пронајдени по две чаури калибар 7,62 милиметри. По наредба на Јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција.