Незаконска е продажбата на половина или четврт јагне во комбинација со половина главче или јагнешки дроб по иста цена.
Ова за весникот Слободен печат го тврдат од Организацијата на потрошувачите, особено што јагнешките внатрешни органи и главчињата, посебно се продаваат по речиси 4 пати пониска цена од еден килограм јагнешко месо.
Граѓаните се револтирани оти веќе плаќаат по 550 денари за килограм јагнешко, не мора така да им се пресметуваат и внтрешните органи, кои посебно се продаваат по 159 денари за јагнешка дроп сарма или 59 денари за едно главче.
-Купив два килограми јагнешко месо, околу четврт јагне и ми кажаа дека со тоа следува јагнешки дроб (бел и црн). Морав да го земам и него, а беше потежок од 600 грама, кој ми го наплатија по цената за еден килограм јагнешко месо (550 денари). Значи за два килограми јагнешко и за дробот, кој инаку посебно чини 160 денари за килограм, морав да платат речиси 1.500 денари. Ова е вистински грабеж, се случува секогаш пред празници и не само со јагнешкото, туку и со прасечкото за Нова Година, кога секој сака да има побогата трпеза. Од една страна замрзнуваат цени за денар и два, а никој не контролира што ни прават месарниците и големите маркети со овие видови месо, вели е читателка на Слободен печат.
Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи е децидна дека ова е уцена и се одвива надвор од законската трговска пракса.
– Законот за Заштита на потрошувачите е дециден дека такво нешто не е дозволено. Во членот 6 од делот кој ги покрива условите за продажба на производите и давање услуги се забранува условување на купување на едни производи со купување на други производи или друг начин на условување на купување и продажба на производи. Сепак, граѓаните го трпат и го толерираат овој начин на продажба, а досега никој не се пожалил кај нас за оваа продажба, објаснува Лончар Велкова за Слободен печат.
На две недели пред Велигден, мали количества јагнешко месо се појавија во месарници по цена од 500 до 550 денари. Трговците велат дека е можно цената да расте.
Според достапните податоци, во ниту една друга земја од регионот нема ваква „врзана трговија“.
Извор: Слободен печат