Ученик од осмо одделение бил каснат од куче скитник утрово, на час по физичко воспитување во основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола.
Директорот на училиштето, Стевче Петровски, го потврдува случајот во изјава за Независен и вели дека ова е прв ваков случај, но смета дека кучињата скитници не се проблем само во училишниот двор туку низ цел град.
– Ученикот е малку каснат на ногата, но е добро. Инцидентот се случил утрово, кога во дворот имало шест-седум кучиња скитници. Кучиња доаѓале и друг пат, но досега не биле агресивни. Не знаеме што точно се случило, родителите го зедоа детето и го однесоа на болница. Утре ќе имаме состанок за овој проблем. Ова е проблем на целиот град. А нашиот училишен двор е тешко да се затвори и да се контролира, бидејќи е многу голем и на неколку места отворен“, изјави Петровски за Независен.
Од СВР Битола ни потврдија дека утрово случајот бил пријавен и во полиција од страна на таткото на ученикот, кој кажал дека настанот се случил на училиште и дека детето се здобило со повреди од каснувањето.
„Случајот со ученикот каснат од куче скитник во училишниот двор на часот по физичко воспитување е пријавен во 8 часот денеска. Нанесени му се повреди на детето. Заклучно со денешниот ден од почетокот на оваа година евидентирани се 29 случаи на граѓани каснати од бездомни кучиња“, ни потврди Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
Само во изминатите две недели СБР Битола информира за повеќе напади и каснувања од кучиња скитници.